Колапс на ракометот во Босна и Херцеговина – Сојузот остана без вработени и без пари!

Ситуацијата во Ракометниот сојуз на БиХ достигна критична точка. Според информации на порталот „Кликс“ и последните вработени го напуштаат Сојузот, што практично значи негово гаснење.

Со години Сојузот функционираше без даночен број и активна сметка. Финансирањето на репрезентацијата и домашните натпреварувања се обезбедуваше преку под-сметки на сојузите на Сараево и Тузла.

Иако неодамна беа исплатени долговите кон поранешниот селектор Ивица Обрван и беше избегната суспензија на Сојузот од ЕХФ, не беше реализирана најавената финансиска помош потребна за одблокирање на сметките и решавање на судските обврски.

Со добивањето на старо-новиот даночен број, Сојузот беше принуден да ги затвори досегашните под-сметки преку кои функционираше, што само ја продлабочи кризата.

Уште во март беше затворена канцеларијата на Ракометниот сојуз на БиХ, а вработените од тогаш работеа од дома – без плати. Постепено, сите си дадоа отказ. Дури и веб-страницата повеќе не е активна.

Сојузот до последен момент го одржуваа во живот генералниот секретар Недим Арнаутовиќ и една од вработените во службите, но денес и таа ја напушти функцијата. Таа информираше дека печатот на Сојузот останува во канцеларијата, но нема кој да го преземе – Сојузот повеќе реално не постои.

Дополнителен проблем е длабоката поделба меѓу членовите на Управниот одбор на национален план, што целосно ја парализира работата.

За стабилизација на состојбата потребни се околу 1.000.000 конвертибилни марки или повеќе од 500.000 евра, но во моментов не постои волја, ниту капацитет да се најдат тие средства. Долгогодишната агонија на босанскиот ракометен систем изгледа дека кулминира – и сега стои пред целосен распад.