Олимписките игри се поинаков тим на големо натпреварување во споредба со ЕП и СП, кога се работи за бројот на ракометар(к)и што партиципираат. Секоја репрезентација во составот може да има по 14 ракометар(к)и, за разлика од ЕП и СП, каде што играат по 16, со тенденција да биде зголемена бројката во иднина на 18 поради големите напори и многуте натпревари за кратко време. За време на ЕП и СП дозволена е промена на петмина ракометар(к)и.
Поради големиот број на спортисти на ОИ од групните спортови кои треба да бидат сместени во Олимпиското село, своевремено бројката на играчи во ракометот беше 12, подоцна зголемена на 14+1, а сега е 14+3 резерви.
Но тоа не е едноставно како што изгледа и не значи дека секој селектор има на располагање по 17 играчи во секој момент. Сите предводници мора да ризикуваат и да ги вметнат најспремните 14 во составот за осум натпревари, колку што се играат до борбата за медали.
Промена на некои од трите резерви да може да влезат во основниот состав од 14 ракометар(к)и е можна само со детална медицинска документација, односно ако некој се повреди, а тоа значи дека ако некој не игра добро, не може да биде променет и може да се менуваат само повредени играчи.
Потоа повредениот играч ако во меѓувреме биде спремен, не може да се врати по потреба во основниот состав, туку само ако некој друг се повреди!
Најчесто селекторите се фокусираат на бековските позиции, повеќето одат со двајца голмани, по едно лево и десно крило, два пивоти и осум бека, односно три пивота и седум бека. Предводниците на учесниците на ОИ ќе немаат право на грешка, бидејќи може скапо да ги чини.
Женскиот турнир на Олимпијадата почнува на 25 јули, Свеченото отворање е закажано на 26 јули, додека машкиот турнир во Париз стартува на 27 јули.