КОЈ ЛАЖЕ, РФМ или клубовите? Битолчани кажаа дека не барале промени во Купот

Ракометната федерација на Македонија донесе одлука мечевите од Купот да се играат од четврток до недела, и тоа дневно да има по два „мешани“ меча, еден машки и еден женски. Образложението на РФМ зошто мечевите ќе се играат така и ќе почнат од четврток беше дека одлуката е донесена „по барање на клубовите“.

Немаше објаснување, кои клубови тоа го барале и зошто годинава се игра по поинаков ситем од вообичаениот? Ниту пак одлука зошто се напушти идејата Ф4 на Купот да се игра на неутрален терен како досега, кога тој се играше во Охрид и во Кавадарци.

Актуелниот првак на Македонија, тимот на Еурофарм Пелистер веќе реагираше на објавата на федерацијата, откривајќи дека тие не барале никава промена. Напротив тие сметаат дека можеби нешто друго е во прашање.

„ РК Еурофарм Пелистер е изненаден од неочекуваната промена на термините на полуфиналните натпревари од завршницата на Купот на Македонија во ракомет. За првпат во повеќе од три децении завршница на Купот на Македонија во ракомет се случува промена на веќе регуларно извлечени термини за одигрување на натпревар (извлекувањето беше јавно).

Со ваквата одлука се нарушува регуларноста на натпреварувањето и се прави непријатен исклучок каков што не е регистриран никаде во светот кога е овој тип на натпревари во прашање.

Со оваа одлука јавно прашуваме дали се навестува нерегуларна завршница или некоја екипа мора да го освои Купот на Македонија?

Нашето незадоволство го објавуваме јавно, бидејќи од претходните искуства научивме дека на писмено доставените прашања до Ракометната Федерација на Македонија (РФМ) не добиваме никаков одговор.“, се вели во соопштението на клубот од Битола.

 

Клубовите бараа, РФМ одобри: Купот со променет термин, ќе има и слободен ден