Кој е Рубен Гарабаја – запознајте го новиот тренер на пелистерци

По заминувањето на Раул Алонсо, на жешката клупа на македонскиот првак Еурофарм Пелистер ќе седне одново Шпанец – Рубен Гарабаја.

Гарабаја има 46 години и полна витрина медали и одличја од богатата играчка кариера. Играше 168 пати за шпанската репрезентација на позиција кружен напаѓач, постигна 318 гола и освои светска титула од Тунис 2005 година, сребро од Европскиот шампионат во Швајцарија следната година, бронза од Олимписките игри во Пекинг во 2008 година и Мундијалот во Шведска во 2011 година.

Шпанецот ја започна кариерата во Адемар Леон со кој освои трофеи во Купот на победниците на куповите, а играше уште за Кангас и Ваљадолид, за 2007 година да го облече дресот на Барселона.

Со Барса освои три титули во Асобал лигата, два трофеи во Купот на Кралот, а играше и во финалето на Лигата на шампионите во сезоната 2009/10. Од 2010 до 2018 година настапуваше за Ла Риоха од Логроњо, клуб во кој ја заврши играчката и ја започна тренерската кариера.

Гарабаја тренерскиот занает започна да го бруси во Логроњо како асистент тренер во 2018 година. Три години остана во Ла Риоха и го прифати првиот меѓународен предизвик како селектор на женската репрезентација на Кина.

Во 2021 година на покана на Роберто Гарсија Парондо работи како асистент тренер во египетската репрезентација. Во овој период од две години освојува злато од шампионатот на Африка и сребро од Медитеранските игри.

Во 2022 година почнува самостојна тренерска кариера во шпанскиот клуб Синфин Сантандер, каде што работеше се до повикот од Битола, а сега ќе има шанса да се проба на повисоко ниво и во посилни конкуренции.