Коцев: Со добра одбрана и лесни голови по трите бода во Струга

Ракометарите на Тиквеш по поразот од Охрид на домашен терен ги очекува нов предизвик во суперлигашкиот плеј-оф.

Кавадарчани гостуваат кај составот на Струга, кој го совладаа во првата рунда на домашен терен.

Левото крило Димитар Коцев знае дека нема да биде лесно кај стружани, иако тие досега немаат победа.

„Гостуваме кај екипата од Струга која е последна на табелата, но тоа не значи дека ќе биде лесно, свесни сме дека како и на секој натпревар за да дојдеме до бодови мора да сме на максимум. Би било добро пред дербито со Алкалоид да одиграме добар натпревар во Струга и да ги однесеме трите бода“, вели Коцев.

Неочекуван беше поразот од Охрид на домашен терен, а кавадарчани ќе имаат шанса за поправен веќе претстојниот викенд, кога на гости им доаѓа вицепрвакот, но претходно е гостувањето кај Струга.

„Ретко губиме натпревар во Кавадарци пред нашата публика, бевме свесни дека нема да биде лесно ниту со Охрид ниту со било која екипа, но тоа е што е, има уште еден круг битно е да го заборавиме поразот од Охрид исто како што ја заборавивме и победата над Вардар, останува да ги исправиме грешките и да се фокусираме на наредните натпревари. Против Струга мора да играме добра одбрана која ќе овозможи да стигниме до лесни голови. Тиквеш ќе се бори до последно коло за излез во Европа“, заврши Коцев.

Натпреварот меѓу Струга и Тиквеш се игра утре со почеток во 17:00 часот во спортската сала „Тими“.