Tимот на Тиквеш оствари убедлива победа на гостувањето кај Куманово со 28-16 и сега има четири од четири во Супер лигата.
Левото крило Димитар Коцев имаше важна улога на овој натпревар и во четвртата победа постигна четири погодоци.
„Честитки за играта за екипата на Куманово, за нас нови три бода и продолжување на серијата победи, но можеби крајниот резултат не е реална слика за целиот натпревар. Имавме доста проблеми во првото полувреме, но сепак на крај дојде до израз нашиот квалитет“, вели Коцев.
Неготинчанецот смета дека во Кавадарци никој нема да се наигра оваа сезона и очекува серијата да продолжи и понатаму.
„Па сигурно дека да, и со право треба да се очекуваат само победи со ваква екипа и организација. Во Кавадарци на секој натпревар ќе одиме на победа и на никој нема да му биде лесно да игра пред таква атмосфера“, продолжи Коцев.
Следуваат поголеми предизвици за Тиквеш во продолжение.
„Имаме добар старт со четири победи од четири натпревари, полека се воигруваме и создаваме хемија која ќе не води во периодот кој ни следува. Ќе се спремаме за Охрид тоа е дерби натпревар и нема да биде лесно во никој случај, но сигурно е дека ке влеземе максимално мотивирани и со добра игра бодовите да останат во Кавадарци“, заврши Коцев.
Кавадарчани ги чекаат две средби дома со Охрид и Скопје, па дерби во Автокоманда и европските натпревари со австрискиот Кремс.
Тиквеш го штиклира и Куманово, со целиот плен се враќа во Кавадарци