Голем потрес во швајцарскиот ракомет – клубот каде што игра македонскиот интернационалец Мартин Поповски, Амичитија Цирих, прогласи банкрот откако го загуби својот главен спонзор.
Поради загубата на инвеститорот, буџетот беше драстично намален, а обидите за пронаоѓање нови спонзори не вродија со плод.
Како резултат на финансиската немоќ, клубот не може да ги исплати заостанатите плати за последните три месеци, па сите играчи добија одврзани раце.
Многу веројатно Цирих ќе остане да игра во елитното друштво во Швајцарија, но со значително намален буџет, а десетина играчи кои беа дел од основниот состав ќе бидат надополнети со млади ракометари.
Голманот Вјачеслав Салдаценка прв од ракометарите си најде нова средина и ќе брани за Војводина, додека во Цирих покрај Поповски, играа познати имиња како Јануш Лапајне (Металург), Игор Чагаљ (Охрид)…потоа холандскиот репрезентативец Исо Слујтерс, Чехот Давид Полоз…