Ракометарите на Бутел Скопје утре го пречекуваат составот на Тиквеш во натпревар од 8 коло од Супер лигата, што многу лесно може да реши кој тим ќе заврши на петтото место во плеј-офот.
Средниот бек Леонид Киселовски посакува триумф над кавадарчани кој би бил круна на одличната сезона.
„Мило ми е што токму против Тиквеш имаме шанса да ја крунисаме сезоната со тоа петто место. Очекувам еден цврст натпревар во кој нашата одлучност и борбеност ќе ни ја донесе посакуваната победа“, вели Киселовски.
Бутелци славеа во Кавадарци во првиот меѓусебен дуел од регуларниот дел, а потоа кавадарчани се реваншираа. Во плеј-офот, Тиквеш победи дома со гол во последните секунди, па сега Бутел ја има шансата за одмазда.
„Тиквеш е екипа која добро ја познаваме со добри индивидуалци, но сепак ние сме поквалитетниот тим, па затоа фокусот би го префрлил на нашата игра. Се додека го даваме својот максимум и играме сплотено ние сме фаворит на овој натпревар“, продолжи Киселовски.
Според него, настапите од оваа сезона треба да го трасираат патот за уште подобри изданија во наредната.
„Сезонава имавме одредени амплитуди во играта што мислам дека се должи на тоа што сме релативно млада екипа која претрпе солиден број на промени пред почетокот на сезоната, но сепак едно нешто што остана константно низ текот на сезоната е вложениот труд, посветеноста и начинот на тренирање. Токму ова е тоа што ме радува бидејќи ваквиот пристап неизбежно води кон подобрување и напредок. Сега имаме шанса да го наградиме вложениот труд со добра завршница на сезоната и со тоа да го насочиме патот по кој треба да одиме и наредната сезона во која очекувам да го направиме тој следен чекор и да ги надминеме сите очекувања“, заврши Киселовски.
Натпреварот меѓу Тиквеш и Бутел Скопје се игра в среда во салата „Антон Димитров“ со почеток во 18:00 часот.