Кирова одбрани пенал по истекот на времето – ги сочува бодовите во Чаир!

Ракометарките на Чаир запишаа триумф со 26-25 во пресметката со Куманово, иако многу лесно можеа да останат само со еден бод. Голманката Ема Кирова го одбрани ударот од седум метри на Ангела Шехтанска по истекот на времето и бодовите останаа во Чаир.

Куманово има за што да жали, бидејќи во повеќе наврати водеше и со плус пет во првото полувреме, но до паузата домаќинките намалија на 14-12. Упорните гостинки не се откажуваа, па и по негативата 25-23, со двата гола на Стеин на 150 секунди до крајот стигнаа до реми.

Следуваа грешки на двете страни и промашени ситуации, но Чаир казни преку контранапад и со голот на Величковска стигна до предност, 26-25. Куманово го имаше последниот напад, имаше обид од лево крило, немаше погодок, но судиите Савиќ и Огњановски по прегледување на снимката досудија пенал. Шехтанска не погоди и домашното славје можеше да почне.

Николовска стрелаше осум пати за победничкиот тим, додека по шест гола имаа Нестороска и Стеин кај Куманово. Со овие бодови Чаир сега има 34, зад Ѓорче Петров кој е лидер со 37, додека Куманово останува на четвртата позиција со 17 бодови.