Maкедонија ја очекува втор предизвик на Европското првенство во Данска, Шведска и Норвешка и меч со Португалија.
Селекторот Кирил Лазаров се наврати на дуeлот со Данска и вели дека не треба да играме „македонски“ против вакви селекции.
„Тоа секогаш го потенцирам. Ние треба да се водиме и да учиме од нив, од Данска и од Португалија. Ние не треба да играме ‘македонски’, тоа ни е голем проблем во нашата лига, бидејќи кога ќе дојде ваква работа е тешко да го следиш стилот, не дека се откажуваме, не е алиби, но нивото е тоа, посветеноста и на ракометарите и на тренерите и во репрезентацијата и во клубовите треба да биде на многу повисоко ниво како спорт број еден во нашата држава. Како ракометна нација што многу дава важност на својата репрезентација, во медиуми и во јавност, треба сите многу повеќе да се посветиме на фаќање на тие трендови, и како клубови и како репрезентација да го следиме ова ниво. Мене ми е многу јасно, се борам заедно со стручниот штаб и со играчите, воопшто не е лесно, но стремиме кон тоа. Некогаш и блиц-успех е можеби само залажување, некогаш можеби е добро да се удриш во ѕид за да се освестиш, иако не посакуваме, но тоа е тоа што го видовме вчера. Понекогаш доаѓаме до конфротација со играчите дека треба да се биде посветен и да се тренира, да има високо ниво на професионализам што кај нас го нема. Се замараме со небитни работи, но кога ќе дојдете во Европа, се губите“, заврши Лазаров.
























