Македонија направи мало чудо и ремизира со силната Португалија, 29-29, но за главна рунда има уште многу математики.
Селекторот Кирил Лазаров ги сподели своите импресии по натпреварот со еден од големите фаворити за медал.
„Не смеам да кажам што ми е на душа затоа што имам многу, мора да бидеме претпазливи да не навредиме некого. Јас и пред почетокот на првенството во една изјава кажав дека ние сме мала земја, во моментов многу деградирани, не е лесно да играш против светски велесили. Не е алиби ова, видовте сами, тоа е така. Во иднина ќе биде многу тешко да се бориме со вакви работи. Јавноста сака ракомет, ни дава поддршка, сакам да им честитам од душа на сите играчи што успеаја да направат со полуфиналистот на минатото Светско првенство, екипата која се бореше за медал и тука дојде по злато, направивме голема работа, знаејќи дека во првиот дел ги загубивме двете леви крила и моравме да комбинираме. Исто така го загубиме и најискусниот играч со црвен картон, кој во вакви мечеви многу помогнал за Македонија. Сите концепти ни се растурија, настана мал хаос пред крајот на првиот дел. Пробавме да го средиме тоа за време на полувремето, не почна како што треба, но успеавме да ја најдеме формулата и со голема борба, пожртвуваност и верба, до резултат“, изјави Лазаров.
Сега ни треба што поубедлива победа над Романија, но и што поубедлив пораз на Португалија од Данска.
„Околу математиките, може да ги прашате нашите играчи дека пред мечот со Данска им реков – давајте максимум, борете се за секој гол, борете се разликата, може да ни решава таа разлика, може да играме нерешено со Португалија. Тоа и се случи. Изгубивме многу енергија, многу емоции, нашата врела македонска крв, треба малку да се смириме сите, да пробаме да отспиеме. Нема да тренираме пак, го откажуваме и тој тренинг, да се одмориме. Да видиме каква е ситуацијата со повредените, посебно левите крила и да видиме што и како ќе ни треба за тоа место кое води во следната фаза. Нас ни е првата цел да ја осигураме победата со Романија, мора да го спремиме мечот добро, а втората работа е да играме гол за гол и да бидеме концентрирани да добиеме со што е можно поголема разлика. Безобразно е да се прави математика со каква разлика ќе победиме. Нивниот таргет е Македонија, спремни се да одат во борба и очекувајте фајтерски меч во вторник“, продолжи Лазаров.
Македонија остана без Никола Маркоски поради црвен картон, а се повредија и Иван Џонов и Петар Атанасијевиќ.
„Да не се случеше тоа што се случи со повредите и од Маркоски, да не претерам и да звучам некултурно и преоптимистички, ќе го добиевме мечот. Две леви крила ни се повредија на пет минути, треба да измислите топла вода да ја продолжите играта со таа одбрана… тоа е тоа, жал ни е, ама ќе се бориме до крај и ќе го дадеме максимумот, па што и да се случи“, заврши Лазаров.
Следениот меч на Македонија е против Романија на 20 јануари од 18:00 часот во „Јуске Банк Боксен“.

























