Aктуелниот селектор на машката репрезентација на Македонија, Кирил Лазаров, беше гостин во Битола на мечот помеѓу Еурофарм Пелистер и Барселона во рамките на Лигата на шампионите.
Дуелот кој предизвика огромен интерес во „Боро Чурлевски“ донесе и емотивен момент за Лазаров – два клуба кои имаат посебно место во неговата кариера се најдоа еден спроти друг. Барселона првпат игра во Битола, а досега се среќаваше со Металург и со Вардар.
Во Битола, Лазаров ги направи првите чекори во ракометот и од тука ја започна блескавата кариера што го вивна меѓу најдобрите на светот. А со Барселона, ја допре европската и светската ракометна елита – освојувајќи титули и признанија кои го втиснаа во историјата на клубот.
Сега, во сосема нова улога – како селектор – Лазаров внимателно ги следеше своите репрезентативци од редовите на Пелистер. Во тимот на битолчани вечерва се Никола Митревски, Павле и Петар Атанасиевиќ, Жарко Пешевски, Филип Кузмановски и Дејан Манасков кој во минатото беше стандарден репрезентативец, а сезонава игра во одлична форма, и би требало да добие повик за враќање.