Кил не се откажува од Јиха – договор до 2028 по сите гласини за отказ!

Ракометниот гигант Кил и тренерот Филип Јиха ја продолжија заедничката приказна — чешкиот стратег потпиша нов договор до јуни 2028 година, со што клубот потврди дека има целосна доверба во човекот кој го води од 2019 година.

Јиха е еден од симболите на Кил — како играч настапуваше за „зебрите“ од 2008 до 2015 година, потоа се врати во клубот во 2018 година како асистент тренер, а само една година подоцна го презеде кормилото како прв стратег.

Под негово водство, Кил стана европски првак во 2020, освои три шампионски титули во Германија (2020, 2021, 2023), два Купа (2022, 2025) и четири Суперкупа (2020–2023).

Иако последните две сезони тимот не успеа да се врати во Лигата на шампионите, управата остана цврсто зад Јиха, и покрај шпекулациите дека на клупата би можел да пристигне Талант Душебаев.

Со новиот договор, Кил испрати јасна порака за стабилност и долгорочна визија, а Јиха добива можност да го врати клубот на европскиот врв.