Келентриќ: „Со гордост станувам дел од голема ракометна приказна“

Ракометниот клуб Вардар од следната сезона ќе има ново звучно име во стручниот штаб. Поранешниот хрватски репрезентативец и легендарен голман Марио Келентриќ официјално се приклучува на најтрофејниот македонски клуб како нов тренер на голманите во првиот тим.

„Со гордост можам да кажам – станувам дел од една голема ракометна приказна! Се приклучувам на РК Вардар – клуб со богата историја и незаборавни успеси“, изјави Келентриќ за клупската страница на Вардар.

Хрватот, кој беше дел од златната генерација на репрезентацијата што го освои Светското првенство во 2003 година, како и злато на Олимписките игри во Атина 2004, носи огромно играчко и тренерско искуство. Во кариерата има настапувано за клубови како Загреб, Целје, Метковиќ, Тусем Есен, Мелсунген, а како тренер работеше во германскиот Гумерсбах, каде последните четири сезони беше одговорен за голманите во сениорската и младинската екипа.

По разделбата со германскиот клуб на крајот од сезоната 2024/25, Келентриќ одлучи да прифати нов предизвик – враќање на Вардар на патот кон врвот.

„По неколку потешки години, верувам дека Вардар се враќа на вистинскиот пат – на патот на старата слава. Осетив нова енергија, јасна визија за иднината и токму затоа прифатив да бидам дел од овој предизвик. Ќе го вложам моето срце, знаење и искуство – верувам дека заедно можеме да испишеме нови големи поглавја“, порача Келентриќ.

Со овој потег, Вардар испраќа јасна порака – враќањето на врвот не е само цел, туку и реална амбиција за иднината.

Вардар го потврди Келентриќ како тренер на голманите во Вардар