Екипата на Келце „за влакно“ се спаси од испаѓање од Лигата на шампионите, откако на гостувањето во Загреб кај истоимената екипа триумфираше со 27:26 (15:12) во натпревар од последното коло од групната фаза и си обезбеди место во осминафиналето.
Иако овој натпревар немаше никакво резултатско значење за хрватскиот шампион, избраниците на Петковиќ речиси до последната минута беа во игра за позитивен исход. Келце со освоените два бода заврши на 6. позиција во групата Б, дојде до 11 бода на свое конто, додека Колстад, кој исто така имаше 11 бода, веќе ја заврши европската авантура.
На Норвежаните ниту една од неколкуте комбинации за евентуален прогрес не им се оствари, па така во остатокот од тековната сезона ќе продолжат со настапите само во домашниот шампионат.
Освен Келце, од групата Б во осминафиналето продолжуваат и Магдебург и ПИК Сегед, додека за второто место во групата, место кое носи директен пласман во четвртфиналето, ќе се соочат Алборг и Нант, кои ќе играат вечерва од 20:45 часот.
Данскиот првак има 17 бода, а францускиот тим бод помалку – 16, па така на Алборг му одговара и реми за второто место во групата. Барселона од групата Б заврши на првата позиција со 22 бода.
ЛИГА НА ШАМПИОНИ, 14. КОЛО, ГРУПА Б, РЕЗУЛТАТИ:
БАРСЕЛОНА – КОЛСТАД 36-27
МАГДЕБУРГ – ПИК СЕГЕД 31-24
ЗАГРЕБ – КЕЛЦЕ 26-27
20:45 НАНТ – АЛБОРГ