Екипата на Келце со голот на Каралек успеа да ги освои бодовите на гостувањето кај Колштад, триумфираше со 33:32. За Келце денешниот триумф во Норвешка беше трети во европската елита и сега на свое конто има шест бода, исто колку што имаат и ПИК Сегед и Нант, додека лидер во групата Б е Барселона со максимален ефект, односно десет бода.
Колштад во првото полувреме до 25 минута имаше резултатска контрола, во првата половина од првиот дел водеше и со четири гола разлика, но избраниците на Душебаев со одличната игра во последните десет минути од првото полувреме се вратија во игра. По предноста на домашниот тим од 13:9, гостинот од Полска со серија од 4:0 израмни на 13:13 и од тој момент се играше гол за гол.
По 30 минути игра, резултат беше нерешен, 17:17, а во вториот дел продолжи големата неизвесност. Полскиот вицепрвак започна да се одлепува, во 40 минута имаше плус шест, 26:20, потоа дојде до големо опуштање во таборот на Душебаев, домашниот тим направи камбек, израмни на 26:26 и од тој момент с започна од нула.
Секој напад за двете екипи значеше многу, тимот на Колштад во 50 минута ја презеде предноста, најпрво израмни на 27:27, потоа Симон Јепсон погоди за 28:27. До 53 минута беше 29:29, Келце успеа да биде повеќе фокусиран во клучните моменти, имаше и 32:30, но Колштад не се откажуваше и до последната минута беше во игра барем за бод. По нерешените 32:32, искусниот Каралек во последните секунди со својот петти гол му донесе два важни бода на полскиот тим.
Најефикасни во составот на Келце, со по осум гола, беа Аркадиуш Морито и Дилан Наи. Во поразениот табор, исто така двајца ракометари беа најефикасни со по осум гола – Симон Јепсон и Симен Улстад.
Колштад следниот викенд го очекува натпреварот со ПИК Сегед во Унгарија, а Келце нова победа ќе бара на натпреварот со Алборг.
Ракометарите на Веспрем на свој терен против Фредериција успеаја да дојдат до четврти триумф во Лигата на шампионите, триумфираа со 34:32.
Фредериција во најголемиот дел од првото полувреме беше рамноправен ривал, но не издржа до крајот, па така унгарскиот гигант рутински си ја заврши задачата, иако на моменти требаше да го даде максимумот за да направи солидна залиха.
Веспрем на полувреме замина со предност од 16:12 и до 50 минута во вториот дел константно водеше со четири до пет гола разлика. Фредериција во финишот се закани, намали на 30:29, а Веспрем не дозволи да има никаква сензација и на искуство ги доби посакуваните два бода.
Предводник во победата на Веспрем беше репрезентативецот на Франција, Недим Ремили, кој постигна девет гола. Кај поразените, прво име беше Мартин Бисгард со седум реализации.
Данскиот тим во следното, 6. коло ќе се соочи со Висла Плоцк, додека Веспрем ќе биде гостин во Битола кај Еурофарм Пелистер.