Екипата на Келце конечно стави крај на кризата и запиша значајна победа во борбата за нокаут-фазата во Лигата на шампионите, совладувајќи го Динамо Букурешт на гостински терен со 28-24 во рамки на шестото коло.
По четири порази во низа во елитното натпреварување и дополнителниот домашен неуспех против Висла, овој триумф доаѓа како големо олеснување за тимот на Талант Душебаев. Полјаците го контролираа мечот од почетокот, водеа со 12-14 на полувреме и во вториот дел без поголеми проблеми ја задржаа предноста.
Најдобар стрелец за победничкиот состав беше Артем Каралек со девет голови, додека Кадах и Влах додадоа по четири. Кај домаќините од Букурешт, Пелајо беше најпрецизен со пет погодоци.
Со оваа победа Келце ја задржува шансата за висок пласман во групата и влез во елиминациската фаза од Лигата на шампионите.

























