Францускиот репрезентативец и еден од најважните играчи на Келце, Дилан Наи, ќе го пропушти почетокот на новата сезона 2025/26 поради повреда на рамото.
Од клубот информираа дека Наи веќе бил подложен на планирана хируршка интервенција, а периодот на рехабилитација ќе трае околу три месеци.
Тоа значи дека Келце ќе мора да се снаоѓа без еден од своите клучни адути во воведните кола од новата сезона – што е сериозен удар за тимот кој брка шампионската титула во Полска, но и во Лигата на шампионите.
Французинот веќе подолг период се бореше со болки, но повредата не беше доволно сериозна за операција во текот на сезоната.
Одлуката за интервенција по крајот на натпреварувачката година е донесена во координација со медицинскиот тим на репрезентацијата на Франција, а Наи ќе ја искористи летната пауза за целосно закрепнување.
Наи пристигна во Келце во 2021 година и е еден од најконстантните играчи во тимот, а неодамна го продолжи договорот до 2028 година.