Келце на колена во Лисабон, Веспрем им се врати на победите, Фуксе покажа моќ против Алборг

По поразот од Алборг, унгарскиот гигант Веспрем, ја запиша првата победа во Лигата на шампионите, откако славеше над францускиот Нант со 30-25. Веспрем отвори одлично и поведе со три гола, но како одминуваше времето така Нант се враќаше во игра, па на минута до одморот стигна до реми, 15-15. Сепак Али Зеин и Пешмалбек се погрижија за водство на Веспрем на паузата, 17-15.

Коралес бранеше одлично, па унгарскиот првак клучната предност ја направи во средината на вториот дел кога отиде на плус шест, 24-18 и веќе немаше назад за Нант. Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Деска со осум и Ремили со шест гола, а голманот Коралес имаше 18 интервенции со 42% на успешност. Во францускиот тим се истакнаа Леополд и Бос со по пет погодоци, а голманот Биоска запиша 13 одбрани.

Германскиот првак Фуксе Берлин по неубедливите партии на стартот на сезоната, конечно одигра еден меч на ниво и го победија данскиот Алборг. Во „Макс Шмелинг Арена“, избраниците на Николај Крикау славеа со 31-28.

Само во првите петнаесетина минути се играше израмнето, 7-7, а потоа се беше во знакот на „лисиците“, кои на паузата водеа со 17-13. Во второто полувреме рутински ја задржаа разликата и не дозволија ривалот да помисли на камбек во мечот. Беше 23-16 и се што направија гостите е што ја намалија негативата до крајот на мечот.

Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Гидсел со осум и Фрајхофер со седум гола, а Милосављев одбрани десет удари. Кај Алборг, по пет гола имаа Јенсен и Арнолдсен, а голманот Ландин се врати на терените со пет одбрани.

Ослабениот Келце без Влах, Кадах, Јарошевич…немаше шанси на гостувањето кај Спортинг Лисабон и се враќа со висок пораз, 41-37. Португалскиот првак  во финишот на првото полувреме ја направи клучната разлика кога по нерешените 10-10, отиде на плус шест, 18-12. Во вториот дел Келце заигра подобро, успеа да намали на минус три, но Каралек доби црвен картон, Спортинг отиде одново на безбедни 28-23 и веќе немаше назад за Келце.

Предводници на Спортинг Лисабон беа Салвадор и Кико Кошта со по девет гола, а за Келце, Шичко даде осум. Голманите и на двете екипи комбинирано имаа само по пет одбрани.