Ракометарите на Келце на гостувањето во Данска кај ГОГ Гудме немаа никакви проблеми за да дојдат до убедлив триумф од 33:25 на првиот осминафинален дуел од Лигата на шампионите.
Тимот на Талант Душебаев на реванш дуелот, кој ќе го одигра пред својата публика, само ќе си го завери пласманот во четвртфиналето, односно меѓу најдобрите осум екипи во европската елита.
Полскиот шампион доминираше во текот на сите 60 минути, победата си ја обезбеди уште на полувреме, кое го доби со осум гола, 18:10, додека во вториот дел немаше поголема резултатска промена.
Одличен натпревар во победничката екипа имаше екс ракометарот на Вардар, Алекс Душебаев. Репрезентативецот на Шпанија ја предводеше листата на стрелци во Келце со девет погодоци од 14 обиди.
Голем придонес за убедливата победа имаше и голманот Андреас Вулф со 14 интервенции. Кај ГОГ најрасположени за игра беа Андерсс Захариесен и Емил Мадсен со по четири реализации.