Хрватскиот репрезентативец Лука Ловре Кларица (23) наредното лето ќе ги напушти редовите на Загреб и ќе се приклучи на полскиот великан Келце, пренесува „Handball Base“.
Кларица, кој игра на позицијата десен бек, ќе потпише четиригодишен договор со шампионот на Полска.
За неговиот потпис се бореа и други големи клубови, меѓу кои и Мелсунген и ПИК Сегед, но Келце бил најконкретен и најбрз во преговорите, обезбедувајќи ја новата ѕвезда за иднината.
Кариерата на Кларица доби вистински залет во сезоната 2021/22, откако претходно настапуваше за Горица, со која играше и во Лигата на Европа. Веќе следната година доби значајна улога во сениорскиот состав на Загреб, а во последните сезони е незаменлив дел и од националниот тим.
Со оваа аквизиција, Келце го формира костурот на тимот за иднината. На позицијата десен бек, конкуренција на Кларица ќе му биде Французинот Жулиен Бос, додека Алекс Душебаев и Хорхе Македа ќе си заминат идното лето.