Тимот на Висла Плоцк славеше против Келце во првото соочување од шампионатот оваа сезона со 29-25, што е петти триумф на Висла во последните пет средби со големиот ривал во „Светата војна“ во Полска. Но овој меч имаше и „трето полувреме“ со плукање, фаќање за врат, закани, пцовки, расизам…а двете страни си имаат свои верзии на настаните. Едно е јасно – дека полската федерација и комесарот ќе имаат многу работа неделава.
Во текот на првиот дел од мечот, при еден дуел меѓу Хорхе Македа и Мирсад Терзиќ, екс десниот бек на Вардар во немоќ го гризна Терзиќ за рамото и по прегледувањето на снимка Македа доби црвен и син картон. Босанскиот дефанзивец во вториот дел заработи трето исклучување, доби црвен картон и мораше на трибини.
На прес-конференцијата по мечот на која беа присутни Чави Сабате и асистенот на Талант Душебаев, Криштоф Лијевски, тренерот на Висла го обвини својот колега од спротивната страна.
„Вулгарно ме навредуваше и ме плукна тренерот на Келце“, изјави Сабате.
Од Келце веруваат дека Душебаев бил испровоциран од Сабате за да има таква реакција
„Тренерот Сабате извикуваше расистички слогани по натпреварот, меѓудругото и ме опцу – да те е… тоа Кинезот“, изјави Душебаев за ТВП Спорт.
Келце на својот веб-сајт по мечот ја обвини публиката во Плоцк дека со расистички зборови го навредувала Дилан Наи во текот на мечот, а другите играчи не биле поштедени од вулгарни навреди.
Тренерот на Висла Плоцк за ТВП Спорт, ги објасни случувањата по мечот.
„По завршувањето на натпреварот, отидов до судиската маса за да се ракувам со делегатот. Ова е нормална процедура по последниот судиски свиреж. До него беше помошникот Давид Нилсон, кој како и делегатот – беше сведок на она што се случи потоа. Тренерот Талант Душебаев почна да ме навредува на многу вулгарен начин на шпански и не сакав да навлегувам во дискусија со него, па се свртев, но тој ме фати за врат – не се сеќавам дали од десно или од лево и плукна по мене, тоа го снимиле камерите. Можеби делегатот не ги разбрал вулгарностите на шпански јазик, но јасно виде дека Душебаев ме плукна“, изјави Сабате.
Потоа се огласија и од Висла Плоцк, ги открија заканите и му упатија поддршка на тренерот кој најави тужба против Душебаев.
„Денеска, откако нашиот тим петти пат по ред победи на натпреварот против Келце, Чави Сабате го слушна Талант Душебајев како зборува на шпански, и му се обраќа – ‘кучкин сине, ќе те убијам’. Овие зборови го изненадија тренерот Чави, кој го праша Душебаев ‘што кажа’. Тогаш Талант Душебаев го фати Чави Сабате за врат и го плукна во лице. Целата ситуација беше на ТВ и имаше сведоци. Добивме информација дека Чави Сабате итно решил дека ќе поднесе тужба против Душебаев. Секако дека денешната победа не радува, но во овој момент сме со тебе. Ние сме со тебе Чави! Целиот тим и навивачите!“, напишаа од Плоцк.
Ако ова се случува на меч од регуларниот дел од првенството, какви ли ќе бидат натперварите меѓу Висла Плоцк и Келце, напролет, кога ќе се делат титулите.