Репрезентацијата на Грузија, која ќе биде еден од дебитантите на Европското првенство 2024, го освои второто место на турнирот „Трофеј Карпати“ во Романија.
Грузија во борбата за првото место беше поразена од домашната селекција со шест гола разлика, 31:25 (14:14). Селекторот на Грузија, Тите Каланадзе, за денешниот дуел одмори дел од важните играчи, меѓу нив беше и најефикасниот од вчерашниот натпревар против Словачка, десниот бек Гиорги Цковребадзе.
Најефикасни во составот на Грузија беа Иракли Кбилашвили и Гиорги Дикаминџија. Кбилашвили, кој краток период го носеше дресот на Металург, имаше осум реализации, додека екс членот на Струга, Дикаминџија, заврши со шест погодоци.
Одлична партија прикажа и поранешното десно крило на Прилеп и Охрид, Хасеим Ристамов. 25-годишниот ракометар постигна пет погодоци од исто толку обиди. Актуелниот член на Охрид, Теимураз Орјоникидзе, доби поштеда за овој дуел.
Ракометарите на Грузија на Европското првенство ќе играат во група заедно со Шведска, Холандија и БиХ, додека Романија ќе се соочи со Хрватска, Австрија и Шпанија.
Репрезентацијата на нашиот јужен сосед со победата над Словачка од 35:23 (16:10) го освои третото место на „Трофеј Карпати“.
Грција исто така ќе биде дебитант на Европското првенство и за ривали во групната фаза ги има репрезентациите на Данска, Португалија и Чешка.