Категорично „НЕ“: Словенците бараат нови играчи за ЕП, ЕХФ не дозволи!

Поради огромните проблеми со составувањето на тимот, селекторот на Словенија Урош Зорман, преку Ракометната федерација на Словенија, упати официјално барање до Европската ракометна федерација за повикување дополнителни играчи за настап на Европското првенство 2026. Според пишувањата на словенечка „Екипа24“, одговорот од Виена бил јасен и категоричен – НЕ.

Повредата на Алекс Влах, која се надоврза на претходните повреди на Миха Зарабец, Митја Јанц, Јака Малус, Матиц Грошељ, Тадеј Кљун, како и проблемите на Сташ Јовичиќ и Домен Новак (кои сепак имаат шанси да настапат), плус откажувањата на Блаж Благотиншек и Нејц Цехте, а и полесните повреди на Ник Хенигман и Матиц Сухолежник, предизвикаа големо внимание и во европската ракометна јавност.

Уште при објавувањето на поширокиот список за подготовките за ЕП, кога сè уште не знаеше дека нема да може да смета ниту на Цехте, селекторот изрази жалење што на списокот го нема Маи Маргуч. Според неговите зборови, доколку повторно го составувал списокот од 35 играчи со право на настап, покрај Маргуч, таму сигурно би се нашол и Аљуш Анжиќ, кој во декември буквално „експлодираше“ со 35 голови и 31 асистенција во дресот на Целје, иако се уште е кадет.

Зорман остана со тројца организатори на играта – браќата Домен и Андраж Макуц, како и Домен Тајник, па сите влегоа во конкуренцијата за настап на ЕП.

Нема дилема дека словенечкиот селектор би повикал нов играч доколку тоа му беше дозволено. Како што потврди од Париз директорот на репрезентацијата Горан Цвијиќ, словенечката федерација официјално испратила барање до седиштето на ЕХФ во Виена, со цел поради големиот број повреди да се прошири списокот на играчи со право на настап на ЕП 2026, а слично барање поднеле и Португалците, кои се ривали на Медонија. Двете барања од ЕХФ од старт биле одбиени, па Словенија и Португалија ќе мора да бараат замена за повредените ракометари само од оние што се на поширокиот список.