Едниот од трите домаќини на ЕП 2026, Шведска, ќе стартува со два бода во главната рунда, откако во дербито од групата Е во Малме, ја совлада Хрватска со убедливи осум гола разлика, 33-25.
Беше нерешено само на стартот до 4-4, потоа Швеѓаните ја преземаа контролата на мечот во кој Хрватите ниту еднаш немаа водство. Почна Мандиќ на хрватскиот гол, но не успеа да ги запре налетите на Дарј и Сандел во повеќе наврати.
Шведска се одлепи на плус четири, 14-10, хрватскиот селектор Сигурдсон се обидуваше со повеќе измени да ги разбуди своите момци, но не му успеа, па негативата остана на полувремето, 17-13.
Не им одеше на Лучин, Шоштариќ и Мартиновиќ, Срна се обидуваше да направи нешто, имаше поддршка од голманот Кузмановиќ во вториот дел, но немаше други расположени ракометари во хрватската селекција.
За тоа време на голот на Шведска блескаше Паличка, кој даде и два гола, а „трите круни“ ги казнуваа сите грешки на Хрватите и постигнуваа лесни погодоци во гостинската мрежа за убедлив триумф на крајот, 33-25.
Рогановиќ и Јохансон имаа по пет гола за Шведска, додека Апелгрен и Паличка поделија по едно полувреме и фатија 14 одбрани. Кај Хрватска, Срна беше најдобар стрелец со седум гола.
Во групата 2 од главната рунда, Шведска, Исланд и Словеија ќе стартуваат со по два бода, додека Хрватска, Унгарија и Швајцарија ќе стартуваат без бодови пред натпреварите кои започнуваат на 23 јануари во „Малме Арена“.

























