Македонскиот репрезентативец Мартин Карапалевски од ова лето ќе го има првиот интернационален предизвик во кариерата.
Тој се пресели во редовите на шпански Ваљадолид, каде што одново ќе соработува со тренерот Давид Писонеро, кој своевремено го внесе во првиот тим на Вардар, како и со поранешниот соиграч Димитар Димитриоски.
„Многу сум среќен што ќе играм за тим со голема традиција и што ќе работам со Давид Писонеро по пет години од работата во Вардар. Ми се допаѓа шпанскиот систем, бидејќи покрај со Писонеро, работев и со Раул, Парондо и Дејвис на клупско и на репрезентативно ниво. Затоа го одбрав Ваљадолид, тука можам да растам како играч. Давид ми кажа – дојди, ова е голема можност за тебе да се развиваш како играч. А мене баш тоа ми требаше“, изјави Карапалевски.
Македонскиот среден бек потпиша договор со Ваљадолид до 2026 година со можност да биде продолжен ако двете страни се задоволни од соработката.