Како член на Вардар и Келце, Игор Карачиќ многупати гостуваше во Битола, а сега првпат доаѓа и со хрватскиот првак Загреб.
Тој сигурно може да им пренесе на соиграчите каква е атмосферата што ја прават „Чкембари“ и дека нема да им биде лесно да играат против македонскиот шампион.
Средниот бек ги сподели очекувањата од дуелот во Битола.
„Пресреќен сум што конечно доаѓа тој натпревар и што завршивме со подготвителниот период, а периодот на жестоко трчање е зад нас. Во среда започнува нашиот европски пат за кој се подготвувавме повеќе од месец дена и јас се надевам дека ќе зачекориме во него успешно. Лично сум многу мотивиран, а сигурен сум дека тоа важи и за сите наши момци. Се надевам и верувам дека ќе прикажеме добра партија во Битола и ако малку нè послужи среќата, тогаш со насмевка би можеле да се вратиме во Загреб“, вели Карачиќ.
Поранешниот хрватски репрезентативец вели дека шансите на двете екипи се изедначени.
„Мислам дека шансите се изедначени. Тоа е еден многу жежок терен и навистина не е лесно да се игра во Битола, знам тоа бидејќи со години доаѓав тука. За да се вратиме со посакуван резултат, секој играч ќе мора да биде на 300%. Во однос на некои претходни години, мислам дека Еурофарм Пелистер е подобро избалансирана екипа. Мене лично многу ми се допаѓа како се склопени, имаат спој на младост и искуство и сметам дека се добро покриени на сите позиции. Сепак, верувам дека и нашата екипа има сè што имаат и тие, а можеби и малку повеќе. Со голема желба, борбеност и мотивираност можеме да пружиме вистински отпор и тогаш, како што реков, со малку среќа можеме и до бодови“, заврши Карачиќ.
Натпреварот меѓу Еурофарм Пелистер и Загреб се игра утре во салата „Боро Чурлевски“ со почеток во 20:45 часот.