Карачиќ: Парите не ми беа приоритет – Загреб е бренд како Келце и Вардар!

Игор Карачиќ официјално беше претставен како ново засилување на Загреб, што за него е камбек во татковината откако играше 14 сезони за Босна, Вардар и Келце.

Искусниот среден бек истакна дека е горд што ќе биде дел од хрватскиот шампион во следните две сезони.

„Среќен сум и горд што ја добив оваа можност и што ќе ги претставувам боите на Загреб. Имаше повеќе опции, но парите не ми беа приоритет. Ќе бидам дел од Лигата на шампионите и дел од голем бренд, какви што се Келце, Вардар и хрватската репрезентација. Ќе дадам секој атом од себе за да го претставувам овој клуб, како што тоа го правев и досега,“ изјави Карачиќ.

Хрватскиот ас, кој со години е дел од европската ракометна елита, додава дека и натаму е мотивиран да игра на највисоко ниво.

„Има уште динамит во мене. Мојот однос кон ракометот е повеќе од професионализам, многу го почитувам тоа што го работам. Амбициите се големи и нема да престанам да сонувам. Во Лигата на шампионите нема аутсајдери – ние во Келце секогаш имавме респект кога доаѓавме во Загреб. Тоа секогаш беше тежок натпревар и често едвај извлекувавме жива глава. Ниту на една екипа нема да ѝ биде лесно против Загреб“, заврши Карачиќ.

Првото гостување во Лигата на шампионите на Карачиќ со Загреб ќе му биде во Битола и ќе игра против големиот ривал од времето на Вардар, Еурофарм Пелистер.