Легендарниот Никола Карабатиќ, на 40 години, ќе стане првиот ракометар што играл на шест Олимписки игри, а може да биде и прв што ќе освои злато четири пати.
На клупски план, Карабатиќ го одигра последниот натпревар во дресот на ПСЖ, а репрезентативниот последен меч, многу веројатно ќе биде во Лил.
„По ОИ во Токио се прашував дали сакам да продолжам. Сакав, но не знаев дали ќе успеам да играм и во Париз. Сега имам 40 години, имаме многу млади ракометари во ростерот, а тоа ми создава притисок. Решив да видам како ќе се чувствувам после секоја сезона од Токио па наваму. Искрено, изненаден сум од мојот ентузијазам за ракомет и на 40 години. Неверојатно е што се уште сум овде. Бев европски првак на 39 години. Среќен сум, но работев многу за да стигнам до овде. Порано посакував ОИ да се одржат во Франција, а тоа се случува еднаш во 100 години…Кога ја доделија организацијата, си реков – Оф, тогаш ќе имам 40 години. Но, сега сум среќен што ќе се борам за место во составот. Нема ништо поголемо во кариерата од ОИ на домашен терен“, изјави Карабатиќ.
Тој освои се што може да се освои и на клупски и на репрезентативен план. Може да се пофали со 11 златни медали со Франција (3 на OИ, 4 на СП и 4 на ЕП), плус уште две сребра и четири бронзи од големите натпреварувања.
Легендата одигра 27 големи натпреварувања со националниот тим од 2003, меѓу нив и пет ОИ, а сега ќе му биде шестиот настап. Тој го пропушти само СП 2021 во Египет поради повреда.
На клупски план, три пати освои титула во ЛШ со Монпелје, Кил и Барселона, плус 22 титули во шампионатите на Германија, Шпанија и Франција.