По 185 настапи за националниот тим, 14 големи натпреварувања, европско злато , уште три медали од шампионати и безброј незаборавни одбрани, заврши повеќе од 17 години долгата репрезентативна кариера на легендарниот шведски голман Андреас Паличка.
Натпреварот против Португалија на ЕП 2026 беше негов последен во дресот на Шведска.
„Љубовта и почитта што ја добивав од навивачите, како и гордоста што толку многу пати го носев репрезентативниот дрес, не можат да се опишат со зборови. Тоа се нешта што ќе ги носам со себе до крајот на животот“, изјави 39-годишниот Паличка, кој беше капитен на репрезентацијата на последните осум големи натпреварувања.
Својот деби настап за сениорската репрезентација го имаше на 7 декември 2007 година, само неколку месеци откако со Шведска го освои светското првенство за играчи до 21 година.
„Одлуката се подготвуваше долго време и созреваше во текот на последната година. Чувствувам дека е вистинскиот момент новата генерација да ја преземе одговорноста. Со задоволство ќе ги следам Фабијан Норстен, Симон Мелер, Марко Рогановиќ и останатите кои доаѓаат“, додаде Паличка.
Во текот на својата репрезентативна кариера, Паличка работеше под водство на шест селектори, настапи на две Олимпијади, шест Светски и шест Европски првенства, а како капитен пред четири години ја крена титулата европски шампион во Будимпешта – првиот голем трофеј за Шведска по пауза од 20 години.
Со неговото повлекување, шведскиот ракомет се простува од една од своите најголеми легенди, голман кој со својата харизма, лидерство и посветеност остави длабока трага во историјата на спортот.


























