Калифорнија Иглс повторно го освоија трофејот на клупското првенство во Северна Америка и Кариби и ќе бидат претставник на Светското клупско првенство кое ќе се одржи во Египет. Ова е вторпат по ред клубот од Калифорнија да ја освои оваа титула, потврдувајќи ја својата доминација на ракометната сцена во регионот.
Имаше рекордно учество на седум клуба од пет различни земји – САД, Мексико, Порторико, Гренланд и Канада, а турнирот се одржа во Лас Вегас.
Во групната фаза, Калифорнија Иглс се најдоа во Група А, каде што ги совладаа Касикес де Палмер од Порторико со 23:21 и убедливо го победија Нуук од Гренланд со 40:27, со што го осигураа првото место. Нуук, со победа над Касикес де Палмер од 35:27, обезбеди пласман во полуфиналето како второпласиран тим од групата.
Група Б беше поизедначена, но тимот на Лос Анџелес беше доминантен со три победи против Њујорк Атлетик Клуб, мексиканскиот Кракен и канадскиот Клуб де Лејви. Канадскиот претставник заврши како второпласиран, откако ги совлада и Кракен и Њујорк.
Полуфиналето донесе изненадување. Нуук успеа да го елиминира фаворизираниот Лос Анџелес со победа од 32:31, а победничкиот гол беше постигнат во последните секунди. Во другото полуфинале, Калифорнија Иглс беа подобри од Клуб де Лејви и се изборија за ново финале.
Во финалниот натпревар, искуството и квалитетот на Калифорнија Иглс дојдоа до израз. Предводени од стратегот Дани Гордо и засилени со искусни ракометари, тие остварија победа од 37:31 против Нуук, со што го освоија континенталниот пехар и обезбедија билет за Светското клупско првенство.
Со ова, Калифорнија Иглс стануваат вториот американски клуб со повеќе настапи на Светското клупско првенство, по Сан Франциско, кој се натпреваруваше во 2021 и 2023 година.