Актуелниот освојувач на трофејот во ЕХФ Европскиот Куп, „сино-белиот“ тим од Автокоманда, сезонава ќе се проба едно ниво погоре, во Лигата на Европа, каде веќе играше пред две сезони.
Ждрепката не го „милуваше“ тимот предводен од Кирил Лазаров и му го додели најтешкиот можен ривал од сите 11 можни противници во квалификациското коло – бундеслигашот Хановер. Овој клуб беше долго време на лидерското место на табелата во Германија, но попушти во финишот и титулата отиде кај Фуксе Берлин.
Хановер е во подем последните неколку сезони, а во Европа има играно три пати досега. Последниот пат во Лигата на Европа пред две сезони, а претходно во ЕХФ Купот во сезоните 2013/14 и 2018/19. На домашна сцена нема освоено ниту еден трофеј. Своевремено членови на Хановер беа Филип Миркуловски и Филип Кузмановски.
Актуелен тренер на Хановер е Кристијан Прокоп, некогашен селектор на Германија, а во тимот отскокнуваат Ренарс Усчинс, десен бек кој веќе е во сениорската репрезентација и пивотот Јустус Фишер, кој беше европски и светски шампион со младинската репрезентација.
Покрај нив, скандинавски секстет има во тимот на Прокоп – голманот Симон Гаде (Данска), левото крило Аугуст Педерсен (Норвешка), пивотот Томас Солстад (Норвешка), средните бекови Јонатан Едвардсон (Шведска) и Сандре Ахо (Норвешка) и десниот бек Вилхелм Поулсен (Фарски Острови).
Меѓу шесте нови засилувања се споменатите двајца Норвежани, потоа средните бекови Леиф Тисие и Максим Орлов, десното крило Даниел Вебер, како и кружниот напаѓач Луис Родригез. Од Хановер заминаа Владислав Кулеш во Мелсунген и Тилен Стрмљан во Охрид, како и Венсан Бухер, Мартин Хане, како и Корај Арај.
Македонскиот претставник донесе осум засилувања – Емилијан Ѓорговски, Урош Борзаш, Ненад Костески, Михаил Иваноски, Ѓорѓи Николовски, Михаил Аларов, Улфар Пал Монси Тордарсон и Давид Трајкоски, па сигурно ниту на Хановер нема да му биде лесно на двомечот што вреди пласман во групната фаза од Лигата на Европа, каде Македонија веќе го има Вардар.
„ЗАГ Арена“ е салата каде што Хановер ги игра домашните натпревари, но веројатно првиот меч од квалификациите во Лигата на Европа против македонскиот тим ќе се игра во помалата „Свис Лајф Арена“, која има капацитет од 4.400 гледачи. Првиот меч ќе се игра на 30/31 август, додека реваншот е на 6/7 септември во Скопје.