Каков ривал доби Тиквеш – запознајте го Бешикташ од Турција

Тимот на Тиквеш трета сезона по ред ќе биде дел од ЕХФ Европскиот Куп и ќе се обиде да го промовира Кавадарци и македонскиот ракомет на европските терени. По двата неуспешни обиди да се минат австрискиот Кремс и грчката Драма, сега Тиквеш доби уште подобар ривал во споредба со претходните два – турскиот шампион Бешикташ.

Турскиот тим е неспоредливо поискусен тим на меѓународна сцена и има играно дури 32 пати досега во европските купови, меѓу кои и 12 пати во Лигата на шампионите. Станува збор за најтрофејниот турски тим со 18 титули во домашното првенство и 14 трофеи во Купот на Турција, а најголемиот европски успех е полуфиналето на Челинџ Купот во сезоната 2008/09 кога беа елиминирани од романската Решица.

Низ европските настапи Бешикташ играше и со македонски екипи и има убава традиција. Има само пораз од Вардар во квалификациите во Лигата на шампионите, но има и четири победи над Металург во четири меча со овој тим во најелитното натпреварување. Од македонските играчи во овој тим настапуваа Филип Лазаров, Немања Прибак и Ацо Јоновски.

Тренер на Бешикташ е Шпанецот Оливер Рој Камино, кој го учеше занаетот од Чави Пасквал во Барселона. Во споредба со минатата сезона ангажираа пет нови ракометари, а заминаа четворица. Турскиот првак не ги продолжи соработките со словенечкиот плејмејкер Тобијас Цветко, десниот бек Олександр Тилте, левото крило Огулчан Гунеј, како и пивотот Калед Валид, кој потпиша за Еурофарм Пелистер.

Во составот на Бешикташ дојдоа екс членот на Металург и Охрид, Халил Озтурк, потоа средниот бек од Бејкоз – Али Емре Бабакан, левото крило од Бејкоз – Даниел Каја, пивотот од Хановер – Корај Ајар, како и Бугра Олгун.

Турскиот првак има на располагање петмина интернационалци, а најпознати се меѓу нив некогашните членови на големата Барселона, Седрик Сорендо и Едуардо Гурбиндо. Тука е и некогаш големиот талент на хрватскиот ракомет, кој своевремено Лино Червар сакаше да го донесе во Металург, Матеј Ашанин, како и двајцата одлични шпански интернационалци – Жоан Амиго (лев бек) и Франциско Кастро (среден бек).

Бешикташ на располагање има 17 играчи, а за разлика од нив од Тиквеш си заминаа дури 11 на крајот на минатата сезона, меѓу кои скоро сите носители на играта. Се враќа капитенот Страхиња Симиќ, доаѓа и голманот Благој Панов, а пред потпис е и египетскиот десен бек Мохамед Ел Мазри. Сепак за кавадарчани да бидат конкурентни на турскиот тим мора добро да го пополнат својот ростер со квалитетни имиња за да не доживеат иста судбина како претходните две сезони.

Натпреварите од второто коло се играат на 11/12, односно 18/19 октомври, а Тиквеш гостува во првиот меч, додека реваншот се игра во Кавадарци.