Каков ривал доби Охрид – запознајте го Баку од Азербејџан

Тимот на Охрид по седум сезони пауза, минатата сезона излезе на европска сцена и по претходните настапи во ЕХФ Купот (денешна Лига на Европа) и дуелите со холандскиот Волендам и Порто, како и оние двобои со Потаиса Турда, повторно ќе биде дел од ЕХФ Европскиот Куп.

Стартот на охриѓани ќе мине со лесна пречка – тимот на Баку (или Баки на азербејџански). Станува збор за вицепрвак на Азербејџан, кој е аматерски тим, а го освои второто место во првенството зад амбициозниот Кур.

Покрај вицешампионското место во првенството, Баку беше финалист и на Купот на Азербејџан, а во мечот за злато беше поразен од Кур.

Овој излез во ЕХФ Европскиот Куп ќе биде вкупно четврти во историјата на Баку. Трипати досега беа дел од ова натпреварување и како куриозитет е што четврти пат по ред ќе се соочат со ривал од Балканот.

Во сезоната 2018/19 играа со Борац Бања Лука, потоа во сезоната 2022/23 играа со босанската Грачаница, а минатата сезона ривал им беше црногорскиот Ловќен. Ниту еден од шесте досегашни натпревари во Европа не ги играа на домашен терен и трипати гостуваа во Босна и Херцеговина, односно Црна Гора.

Досега во Европа доживеаја шест порази, а најнискиот е девет погодоци, па јасно е дека Охрид ќе има само посилен тренинг против овој ривал и е голем фаворит за пласман во третото коло од ЕХФ Европскиот Куп.

Минатата сезона Баку во составот имаше само 15 ракометари – меѓу кои четворица интернационалци – рускиот голман Рустам Гусеинов, руското десно крило Валериј Крамаров, украинскиот среден бек Владислав Нападаило и белорускиот десен бек Артем Скриба, кој е најпознато име и поранешен репрезентативец на неговата татковина со која играше на СП 2015.

Натпреварите од второто коло во ЕХФ Европскиот Куп се закажани за 11/12, односно 18/19 октомври, а според распоред Охрид треба да е прво гостин, освен ако двете екипи не се договорат двата меча да се играат во СРЦ „Билјанини Извори“.