Тимот на Охрид ќе се соочи со чешкиот тим Дукла Прага во осминафиналето на ЕХФ Европскиот Куп. Овој ривал не беше најтешкиот што можеше да им се падне на „гладијаторите“, а не беше ниту најлесниот, па ќе го дефинираме како „ни ваму, ни таму“, иако Охрид ќе ја има фаворитската улога во двобојот.
Дукла Прага е тим со богата историја, особено во поранешната држава Чехословачка, каде има освоено дури 28 титули. Oвој тим е формиран во 1948 година и беше најуспешен ракометен колектив во поранешната држава. Во 1957, 1963 и 1984 година, Дукла Прага ги освојуваше титулите во Купот на Европските шампиони (денеска Лига на шампиони), а во 1967 и 1968 играше во финалето. Во 1982 година беа финалисти и на Купот на победниците на Куповите. По осамостојувањето на Чешка, Дукла Прага стана три пати шампион – 1994, 2011 и 2017 година.
Минатата сезона го освоија третото место во Чешка, откако во плеј-офот во четвртфианлето со 3-1 во победи го елиминираа Нове Весели, потоа во полуфиналето загубија од Плзен со 3-0, додека во битката за третото место со 2-1 беа подобри од Ловосице.
Оваа сезона по десет одиграни кола имаат биланс од седум победи и три порази, што е доволно за шестото место на табелата. Најдобар стрелец е левиот бек Јозеф Јонас, кој има дадено 82 гола на десет меча (второ место во лига), додека голманот Карел Шмит е во ТОП 10 со 73 одбрани на десет меча (десетто место во лига).
Загубија од екипите на Карвина и Робе Жубри на гости, како и од Брно на домашен терен, а ги победуваа Ловосице, Плзен, Фридек Миштек, Страконице, Злин, Нове Весели и Копривнице. Само победата над Злин е убедлива со десет гола, додека сите останати со разлика од еден до пет гола.
На европска сцена го скокнаа првото коло, во второто ја елиминираа романската Констанца со две победи – на гостински терен со 37-27 и дома 33-31, а во третото беа подобри од грчката Драма исто така со две победи – на домашен терен со 27-20 и на гости со 31-30, па во пресметките со Охрид ќе влезат без пораз.
Тренер на Дукла Прага е селекторот на машката репрезентација на Чешка, Даниел Кубеш. Во играчката кариера 47-годишниот Кубеш играше за Дукла Прага, шведскиот Дрот, а направи одлична кариера во Бундес лигата носејќи ги дресовите на Нордхорн, Либек, Лемго, Мелсунген, големиот Кил…а за чешката репрезентација играше до 2014 година кога ја заврши кариеата. Веднаш што прекина со активно играње седна на клупата на националниот тим кој го водеше до 2021 година. Лани се врати во татковината во Дукла Прага и одново ја презема репрезентацијата на Чешка од Чави Сабате.
Во ростерот за ЕХФ Европскиот Куп тимот на Дукла Прага има регистрирано 22 ракометари, меѓу кои само еден интернационалец – словачкиот пивот Матуш Моравчук. На четири меча досега во ЕХФ Купот, исто како и во домашното првенство најдобар стрелец е левиот бек Јозеф Јонас со 34 гола (осум по меч), па тренерот Борис Ројевиќ знае на кој треба да обрне внимание во одбраната. Меѓу најдобрите стрелци беа и централниот бек Јакуб Свитак (15), левото крило Мартин Ракоуски (13), а десниот бек Даниел Еребаи и десното крило Јакуб Крусберски постигнаа по 12 гола против Констанца и Драма.
На последниот репрезентативен собир беа левиот бек Јозеф Јонас и средниот бек Мартин Брежина, додека на СП 2025 на списокот на Сабате беше левото крило Јан Блеча, кој не играше на ниту една од четирите средби на Дукла Прага во ЕХФ Европскиот Куп. На поширокиот список на репрезентацијата се уште и десното крило Мартин Рахуоски и 20-годишниот лев бек Микулаш Кабатник.
Дукла Прага има млад ростер со ракометари од 19 до 24 години, а искуството го носат тројцата повозрасни – левото крило Блеча (32) кој не играше сезонава, потоа голманот Шмит (32) и средниот бек Свитак (34).
Севкупно земено, Охрид ќе има потешка задача отколку со Баку и Слога Добој, но ќе ја има фаворитската улога. Дукла Прага не смее во ниту еден момент да биде потценета, бидејќи тоа може да се врати како бумеранг, но далеку од тоа дека охридските ракометари треба да се плашат – треба само максимално сериозно да ја одработат задачата по насоките на Ројевиќ и нема да имаат проблеми.
Домашните натпревари Дукла Прага ги игра во „Репи“ со капацитет од 400 места, што е недоволно за европските дуели, па нив мора да ги играат во Мост, домот на женскиот првак Бањик. Првиот меч ќе се игра во Охрид на 14/15 февруари 2026, додека реваншот ќе биде во Мост на 21/22 февруари, кога ќе биде познат патникот во четвртфиналето.
























