Тимот на Бутел Скопје по три сезони пауза одново излегува на европската сцена. По елиминациите од украинскиот ЗТР Запорожје, унгарскиот Ѓенѓеш и австриската Алпла Хард, Бутел Скопје сега доби за ривал тим што може да го мине – Дуделанж од Луксембург.
Клубот што 23 пати беше шампион на Луксембург, а 19 пати го освојуваше трофејот во Купот на Луксембург, не треба да биде потценет. Во своите редови има четворица репрезентативци на оваа држава, која играше против Македонија во квалификациите за ЕП 2024. Најпрепознатливо име е голманот Мика Херман, а тука се левиот бек Давид Етуте, средниот бек Хуго Жан Пјер Нојберг, како и десното крило Фин Келер.
Дуделанж минатата сезона го освои третото место во првенството на Луксембург, откако во регуларниот дел имаше 10 победи, две реми и два порази, а потоа во плеј-офот на десет меча запиша шест победи, едно реми и три порази.
Ривалот на скопскиот тим има неспоредливо поголемо искуство во Европа за разлика од Бутел и досега има играно во европските купови дури 25 пати. Еднаш играше и во квалификациите за Лигата на шампионите, во сезоната 2008/09, но беше елиминиран од Рајн Некар Левен со два убедливи порази.
Најчесто тимот од Луксембург има играно во Челинџ Купот или Купот на градови (денешен ЕХФ Европски Куп), како и во Купот на победниците на куповите. Во сезоната 2010/11, Дуделанж беше елиминиран во второто коло од Еурофарм Пелистер, но само за еден гол, откако по поразот на гости со 20-17, во Битола на реваншот беше 26-22.
Овој клуб најдалеку дотурка во Челинџ Купот во сезоната 2016/17, кога во четвртфиналето испадна од романската Потаиса Турда со два порази. Минатата сезона испадна во драматичен натпревар за само еден гол од италијанскиот Сасари (36-36, 39-38).
Минатата сезона во своите редови имаа двајца интернационалци – тунискиот пивот Алаедин Куни и младиот португалски кружен напаѓач Диого Ребимбас. На двата европски меча лани најдобри стрелци беа тројцата од бековските позиции – левиот бек Давид Етуте даде 20, средниот бек Самуел Етуте 11 и десниот бек Јосип Илиќ со 12 гола.
Досега единствено ново име е средниот бек, репрезентативец на Луксембург, 21-годишниот Оливер Георген, кој се враќа од Германија откако играше за нисколигашите Ремсшеид и Зибенгебирш, а претходно беше дел од Берхем.
На тренерската позиција има промена и на местото на Словакот Мартин Хумел, дојде Србинот Душко Билановиќ. Тој доаѓа од германскиот второлигаш Баер Дормаген, а претходно работеше во Крефелд.
Севкупно, се работи за тим што не треба да биде потценет иако доаѓа од Луксембург, но е тим што може да се мине. Доколку Бутел Скопје биде подобар во двомечот ќе се соочи со косовскиот тим Раховец. Првата средба меѓу Бутел Скопје и Дуделанж се игра во Луксембург на 6/7 септември, додека реваншот ќе биде во Македонија на 13/14 септември.