Германскиот првак Фуксе Берлин повторно е во центарот на вниманието, но овој пат поради необична приказна – шампионскиот пехар од Бундес лигата е пронајден во сопствениот подрум, неколку месеци откако се сметаше за украден.
Трофејот, кој клубот го доби по освојувањето на првата титула шампион на Германија во јуни минатата година, исчезнал по провала во клупските простории во ноември. Тогаш крадците однеле пари и други вредни предмети, а се верувало дека и пехарот е украден.
Иако полицијата во јануари уапси осомничени поврзани со повеќе кривични дела, се мислеше дека трофејот е засекогаш изгубен. Но, тој бил пронајден сосема случајно при пребарување на објектот, скриен во подрумот, со очигледна намера крадците подоцна да се вратат по него.
Од клубот сметаат дека големото медиумско внимание околу случајот можеби ги одвратило сторителите од повторно враќање.
„Искрено, сè уште не можам да поверувам, но трофејот се врати. Сите можеме да бидеме среќни што традицијата продолжува и што тимовите кои го освоиле и ќе го освојуваат во иднина повторно ќе имаат можност да го подигнат“, изјави генералниот директор Боб Ханинг.

























