Како лани – без сензации во Купот, истите екипи ќе се борат за трофеј!

Четирите екипи што беа домаќини на групната фаза од Купот на Македонија обезбедија место на завршниот турнир во ова натпреварување.

Без поголеми проблеми, Вардар, Еурофарм Пелистер, Охрид и „сино-белиот“ тим од Автокоманда, се изборија за ново учество на Ф4 и нова шанса за трофеј.

Вардар е актуелниот бранител на Куп трофејот, а истите екипи што лани играа, ќе играат и оваа година и ќе влезат со амбиции за да го освојат.

На патот кон Ф4, Вардар ги совлада Бутел Скопје и Еурофарм Пелистер 2, битолчани беа подобри од Струга и Прилеп, Охрид славеше против Тиквеш и Куманово, додека тимот од Автокоманда не дозволи изненадувања на дуелите со Радовиш и Пролет.

Освен Охрид, другите три екипи досега го освојуваа трофејот – Вардар е најтрофеен со 17 досега, Еурофарм Пелистер има пет, додека тимот на Кирил Лазаров има еден.

Завршниот турнир во Купот на Македонија ќе се одржи меѓу 17 и 19 април.