Во едно од највозбудливите ракометни сезони, македонскиот шампион ќе се знае дури по завршување на последното коло во ракометниот плеј-оф. Иако на почетокот се очекуваше три екипи да конкурираат за највисоката позиција во македонскиот ракомет, сепак на крајот сè се сведува на прашањето: Вардар или Еурофарм Пелистер.
По одиграни 185 натпревари новиот шампион ќе го одлучи оној еден, вечното дерби меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер кои последниот натпревар сезонава ќе го започнат изедначени на врвот на табелата во македонската Суперлига.
Вардар е единствената екипа во мак шампионатот без пораз во вториот дел од сезоната. Победата на гостински терен во Битола им даде самодоверба и поволна пол-позиција во пресрет на новиот, последен мега дуел за оваа сезона, кој ќе се игра во Скопје во спортскиот центар „Јане Сандански“.
Но иако вардарци се многу блиску до прослава на трофејот пред своите навивачи, не смее да се заборави дека Еурофарм Пелистер е актуелен македонски првак. Ранетиот лав е најопасен, а минималниот пораз во Битола од црвено-црните“ сигурно остави горчина, но и желба за одмазда кај избраниците на Алонсо. Еурофарм Пелистер добрата форма ја потврди во Автокоманда и покажа дека поразот во финалето на Купот е веќе минатото. Уште поголема е тежината на победата ако се знае дека на тој дуел не настапи капитенот Филип Кузмановски.
На спротивната страна Вардар има доволно адути и желба за докажување. За прв пат по неколку сезони не дозволи изненадувачки откинувања на бодови од екипи кои не се блиску до нивниот квалитет, па во финалниот дуел за титулата влегува како единствената непоразена екипа во македонскиот плеј-оф.
На крајот сезоната ќе се сведе на 60 одиграни минути, на моменталното расположение и инспирација на лидерите на екипите Борозан и Кузмановски, на денот на голманите Еспиња и Митревски, тимскиот дух, на играта во одбрана и по некое тактичко надмудрување колку е тоа можно во натпревар меѓу две екипи кои многу добро се познаваат.
Едно е сигурно на трибините ќе биде пеколно, навивањето френетично, а на крајот една навивачка група ќе има посебен повод за прослава.
П | Екипа | Н | П | Р | И | ДГ | ПГ | ГР | Б |
---|---|---|---|---|---|---|---|---|---|
1 | РК Вардар 1961 | 9 | 8 | 1 | 0 | 284 | 233 | +51 | 19 |
2 | РК Еурофарм Пелистер | 9 | 8 | 0 | 1 | 283 | 239 | +44 | 19 |
3 | Алкалоид | 8 | 4 | 1 | 3 | 233 | 228 | +5 | 11 |
4 | ГРК Охрид | 8 | 2 | 0 | 6 | 201 | 220 | -19 | 5 |
5 | ГРК Тиквеш 2014 | 9 | 2 | 0 | 7 | 224 | 260 | -36 | 5 |
6 | РК Бутел Скопје | 9 | 1 | 0 | 8 | 235 | 280 | -45 | 2 |
Што им треба за титула на Еурофарм Пелистер или Вардар?
Натпреварот за титулата помеѓу Вардар и Еурофарм Пелистер има три потенцијални исходи, а само еден тим ќе биде прогласен за шампион на Македонија. Бидејќи и Вардар и Еурофарм Пелистер влегуваат изедначени на 19 бодови во пресрет на последниот дуел. Победата на Вардар на почетокот на плеј-оф фазата против Еурофарм Пелистер му овозможува на македонскиот вицепрвак мала предност. Па освен победа во последниот дуел на Вардар му одговара и нерешен резултат бидејќи ќе биде подобар во меѓусебниот дуел. Еурофарм Пелистер до нова шампионска титула може да дојде само со победа на овој дуел, а таа може да биде и минимална со еден гол.
Нè очекуваат возбудливи 60 минути, по кои Македонија или ќе добие нов шампион и ќе ги исполни желбите на своите верни поддржувачи или Еурофарм Пелистер ќе го потврди својот статус и во преполната „Јане Сандански“ ќе го шокира домаќинот за одбрана на трофејот и можност за играње во Лигата на шампионите. Натпреварот е закажан за денес со старт во 19:30 часот.