Ракометарите на Бутел Скопје ги очекува тешко гостување кај Вардар во рамките на 9 коло од Супер машката лига.
Левиот бек Давид Гришикашвили, кој летово пристигна во Бутел и го има првото интернационално искуство, го најави дуелот со „црвено-црните“.
„Вардар е многу силен тим и голем клуб. Се разбира дека тие се фаворити против нас, но тоа не е важно – ние секогаш се бориме и ќе дадеме сè од себе и против нив. Целиот нивен тим е од врвна класа. Но можам да кажам дека кога бев дете, гледав видеа од Вуко Борозан за да научам нешто од него – тој е посебен за мене. Без разлика кој е пред нас, дали е тоа Вардар или некој послаб противник, нашиот менталитет е секогаш ист – да се бориме цели 60 минути и да дадеме сè од себе“, вели Гришикашвили.
Освен елиминацијата од ЕХФ Европскиот Куп, Бутел Скопје практично освојуваше бодови на сите средби каде што беше очекувано.
„Тимот игра многу добро и задоволен сум од тоа. За жал, испаднавме во првото коло од ЕХФ Купот, но тоа е минато – го оставивме зад нас и продолжуваме напред секој ден. Ова е само почеток, и допрва следуваат многу работи. Што се однесува до мене, гледам дека напредувам – растам како играч и како личност надвор од теренот. Се разбира, правам грешки за време на натпреварите, но тоа е дел од процесот. Имам целосна поддршка од тимот, а тоа ми значи многу. Сè оди во вистинска насока, и ќе продолжам да давам сè од себе за да му помогнам на тимот колку што можам“, заврши Гришикашвили.
Натпреварот меѓу Вардар и Бутел Скопје се игра вечерва во СЦ „Јане Сандански“ со почеток во 19:00 часот.

























