Кадетскиот репрезентативец на Македонија, Андреја Угреновиќ, пред себе има нова важна страница во ракометната кариера. Младиот десен бек, кој има само 15 години, во новата сезона ќе ги брани боите на германскиот младински шампион Ерланген.
Потекнувајќи од спортско семејство и со богато меѓународно искуство за своите години, Угреновиќ го прифати предизвикот да се развива во систем што важи за еден од најдобрите во Европа кога станува збор за работа со млади категории.
Ерланген е познат по стратегијата за развој на талентирани ракометари, а токму тоа било клучен фактор во изборот на македонскиот бек.
„Следнава сезона почнувам ново поглавје во мојата кариера – пролетта бев во контакт со неколку европски клубови, бев и на контролни тренинзи во Кил и Ерланген, а на крај донесов одлука да играм за младинскиот шампион на Германија, односно Ерланген“, изјави Угреновиќ.
Претходно Угреновиќ настапуваше во Австрија, во екипите на Грац и ХИБ Грац, каде што играше од 2019 година, по заминувањето од Металург.
Во моментов, Угреновиќ настапува со македонската кадетска репрезентација на Европскиот олимписки фестивал што се одржува во Скопје.