Женската кадетска репрезентација на Македонија славеше во пресметката со Фарски Острови со 31-28 и остана во игра за опстанок во елитните 24 селекции на Европското првенство. Со оваа победа кадетките ќе се борат за 21 место на континенталниот собир.
Избраничките на Даниела Новеска одиграа прво полувреме за заборав и губеа со седум гола, 17-10, а на стартот на вториот дел имаа негатива и од осум погодоци, 20-12.
На влезот на 40 минута беше 22-14, но оттогаш како да влезе друга екипа на теренот. Македонските ракометарки заиграа одлично во одбраната, Илиоска бранеше тоа што треба, а во нападот предводник беше Трифуноска.
Беше направен комплетен пресврт за само десетина минути и Македонија поведе за првпат на мечот со голот на Наумоска, 25-24. Потоа се беше полесно до крајот, задачата беше одработена рутински и беше прославен триумф.
Сепак работата не е завршена, па ќе треба и в недела да биде остварена победа против победникот од дуелот меѓу Турција и Романија за да биде исполнета целта – опстанок во елитната конкуренција.
Најдобри стрелци во македонскиот состав беа Трифуноска со десет и Беровиќ со седум гола, а голманката Илиоска имаше осум одбрани.