Женската кадетска репрезентација на Македонија одигра одлично прво полувреме против селекцијата на Норвешка, но скандинавскиот ривал во вториот го сврте резултатот во своја корист и славеше со 30-23.
По поразите од Швајцарија и Исланд, ова беше можеби најдоброто издание на избраничките на Даниела Новеска, кои водеа со два гола во финишот на првиот дел кога се разиграа Јованоска и Димоска, а претходно и голманката Дуноска имаше добри интервенции.
Беше 12-10, но Норвежанките дадоа три гола во серија за 13-12 на паузата. Во вториот дел Македонија имаше свои добри моменти, но Норвешка успеа да се одлепи на повисока предност и да ја сочува до крај.
Димоска и Балоска доминираа во македонскиот напад и успеаја да постигнат по седум погодоци.
В петок и сабота, Македонија ќе одигра уште два натпревари за конечен пласман, но ривалите и саатниците ќе бидат дополнително познати.