Maшката кадетска репрезентација на Македонија загуби третпат во групната фаза на Европскиот Олимписки фестивал, а подобри од нашите момци беа Исланѓаните, кои славеа со убедливи 36-27.
Слично како и на претходниот натпревар против Шпанците, македонскиот ритам падна на стартот на второто полувеме и потоа високата негатива беше тешко да се брка, па ќе мора да се задоволиме со борба за пласман од петтото до осмото место на ЕМОФ.
Голманот Ѓорѓи Николовски имаше одлична партија на голот, додека во нападот десниот бек Бобан Поповски беше во елемент и успеа да реализира девет пати во мрежата на Исланд.
Избраниците на Горан Кузманоски отворија одлично и успеаја за пет минути да стигнат до предност од 4-1, беше и 5-2, по неколку интервенции во серија на голманот Николовски.
Но со неколку грешки во серија му дозволивме на противникот не само да се врати во егал, туку и да ја преземе контролата на теренот. „Рибарите“ имаа и водство од пет гола, 13-8, а беше и 15-10.
Македонската одбрана заигра подобро пред паузата и намаливме на минус три, 15-13. Веднаш на стартот на второто полувреме нашите момци израмнија на 15-15 и тука како да застанаа.
Црвен картон доби Јован Симоновски по трите исклучувања, во ростерот не беше Андреја Угреновиќ, па Кузманоски имаше скратена ротација. Исланд успеа за кратко време одново да стигне до плус пет, а не помогна ниту македонскиот тајм-аут.
Колата тргна надолу и да не беше голманот Николовски, Исланд сигурно ќе ја наполнеше македонската мрежа до врвот. „Рибарите“ одат во полуфиналето од првата позиција бидејќи ги совладаа претходно Шпанија и Хрватска.
Утре е слободен ден за кадетите, а во петок и сабота следуваат натпреварите за конечен пласман на ЕМОФ 2025.