Машката кадетска репрезентација на Македонија го одигра првиот контролен натпревар против домашни екипи, во обидот ракометарите да имаат повеќе пати собири во текот на годината и да го собираат неопходното искуство за во иднина.
Избраниците на селекторот Горан Кузманоски и неговиот помошник Митко Стоилов загубија со 34-30 (14-15) од комбиниран тим составен од ракометари на двата тима од Автокоманда.
Стручниот штаб ја искористи можноста да ја провери моменталната форма на репрезентативците, кои играат во Супер лигата, во Првата лига, но и во младинската и кадетската лига.
Кадетите ќе играат на 8 октомври против комбиниран состав на Еурофарм Пелистер и Еурофарм Пелистер 2, а следен голем предизвик ќе биде учеството на меѓународниот турнир „Трофеј Карпати“ во Романија.
Потоа следуваат и квалификациите за пласман на ЕП 2026, каде Македонија ќе игра во група со Луксембург, Финска и Грција, а тие ќе се играат во Луксембург од 31 октомври до 2 ноември.