Кадетите останаа со празни раце по драмата со Португалија

Машката кадетска репрезентација на Македонија ќе игра за седмото место на Европскиот олимписки фестивал во Скопје, откако загуби во драматичен финиш од селекцијата на Португалија со 31-30.

Ова беше можеби најдобриот натпревар на кадетите на ЕМОФ, но десетминутниот пост без погодок во второто полувреме се чини дека беше клучен за поразот на крај, иако успеавме да се вратиме во финишот на минус еден.

По 3-3 на стартот, Португалија се одлепи на плус четири, 7-3, па Горан Кузманоски мораше да бара тајм-аут. Се постигнуваа наизменично погодоци на двете страни, но Португалија ја имаше предноста, 15-12.

Тогаш започнаа најдобрите минути на Македонија, стигнавме до егал, 15-15, па се играше гол за гол до 20-20, а во последните секунди набрзина погоди Ѓорѓиевски и донесе водство на Македонија по долго време, 21-20.

На стартот на вториот дел со голот на Николоски, Македонија имаше и плус два, 22-20, но следуваа десетина минути без постигнат погодок, па ривалот направи комплетен пресврт и се одлепи на плус четири, 27-23.

На десетина минути до крај, ривалот падна во ритамот, црвен картон доби Андраде, па нашите момците успеаја да стопат дел од негативата и да се доближат на минус еден кога остануваа за играње уште 150 секунди, 29-28.

Португалците реализираа преку Урсу, а Кузманоски го повика последниот тајм-аут, беше минус еден и на триесетина сеунди истиот играч донесе плус два, 31-29. Македонија намали но немаше време за нов камбек.

Утре ќе играме против Норвешка во СРЦ „Кале“ со почеток во 08:00 часот.