Кадетите испуштија плус четири и загубија во драма од Грција!

Машката кадетска репрезентација на Македонија загуби од јужниот сосед Грција со 32-31 и сега ќе мора на последниот меч против Луксембург да го визира местото на Европското првенство во Србија наредното лето. Со овој триумф Грците го обезбедија место на ЕП, а Македонија прво ќе го чека резултатот од дуелот меѓу Финска и домаќинот, за да знае што ќе и биде потребно утре. Иако нашите момци водеа во три наврати со плус четири во второто полувреме, сепак на крајот мораа да му честитаат на ривалот. Имаше Грција 32-30, Трсунов намали на 32-31 и Македонија можеше во последната секунда да израмни, но ударот на Поповски не заврши во грчката мрежа.

Натпреварот започна со брза игра на двете страни и брзи погодоци, а Македонија беше првата што успеа да создаде залиха. Момците на Горан Кузманоски поведоа со 8-5, но грчкиот селектор веднаш повика тајм-аут.

Младинците од јужниот сосед се разиграа, успеаја да израмнат на 9-9, а откако го преземаа водството со голот на Сараванос, Кузманоски реагираше со минута одмор да ги смири своите избраници. Грците беа во налет, ги казнуваа сите наши грешки во нападот и стигнаа до највисоки плус три, 14-11. Но потоа Фехми влезе да го брани голот, запре зицер, Ѓоргиески во брза контра погоди, потоа се надоврзаа Поповски и Петрески за реми, 15-15.

Ривалот играше грубо на работ на исклучување, па нашите момци искористија две прилики, кога имавме играч повеќе и ја вративме предноста на наша страна. Грците имаа пенал во последната секунда, но Фехми одбрани и Македонија замина на одмор со плус два, 18-16.

Фехми влезе во серија на стартот на вториот дел, нападот беше прецизен и Македонија отиде на плус четири, 22-18. При 24-20, грчкиот селектор побара тајм-аут, за момент неговите момци намалија на минус два, 24-22, но Поповски реализира од тешка позиција за плус три кога остануваа да се играат уште петнаесетина минути до крајот.

Македонскиот напад не беше така убоит како претходно, Петрески не погоди од пенал и Грците израмнија на 25-25. Се соземаа нашите ракометари и одржуваа предност од еден до два гола, но јасно беше дека ќе се „оди по жица“ до крај. Во такви околности не се игра лесно, па сега мораа да се мачат македонските момци против нетипичната грчка одбрана.

Грците искористија еден отпадок и по долго време водеа на мечот, со 30-29, а имаа и шанса за плус два што за среќа не ја искористија па Трсунов израмни на 150 секунди до крајот. Но потоа примивме гол од пасивен напад на ривалот, згора на тоа Костов беше исклучен и Кузманоски повика тајм-аут. Грчкиот голман го одбрани шутот на Николоски, противникот отиде на плус два, 32-30. Трсунов намали, Грците не искористија напад, но ударот на Поповски во последната секунда не заврши во противничката мрежа.

По шест гола во македонскиот состав дадоа Поповски и Николоски, а по пет пати реализираа Петрески и Ѓоргиески. Утре од 15:30 е последниот натпревар против домаќинот Луксембург, кој ќе биде формалност, ако Финска денеска слави во нивната меѓусебна пресметка.