Со осум натпревари е комплетирано 8 коло во кадетската машка лига и заврши есенскиот дел од сезоната, во која на врвот на табелите останаа непоразени двете скопски екипи – „витамините“ од Автокоманда во група А и Пролет во групата Б, а единствен тим без освоен бод по осум одиграни натпревари е Радовиш.
„Витамините“ од Автокоманда ја продолжија доминацијата со победа над Илинден Вардар од 36-28. Најдобар стрелец беше кадетскиот репрезентативец Јован Петрески со десет голови, а осум даде Тома Симоновски. Кај Илинден Вардар се истакна Никола Павловски со седум погодоци.
„Сино-белите“ од Автокоманда во драматичен финиш славеа над актуелниот првак Еурофарм Пелистер со 32-31. Младост Богданци на домашен терен беше подобар од Еурофарм Пелистер 2 со 26-24, предводен од Никола Тасев и Методи Младеновски, кои постигнаа по осум гола.
Во натпревар исполнет со 70 голови, Пролет ја совлада Преспа со 40-30. Кадетскиот репрезентативец Горазд Дамчевски блескаше со 13 погодоци, а Мартин Деспотовски додаде седум. Кај Преспа, најрасположени беа Борјан Весилевски и Виктор Ѓорѓиевски со по шест гола.
Во езерското дерби, Охрид беше подобар од Струга со 23-22, предводен од Илија Трајчевски со осум, Тане Јанчески со шест и Христијан Софкоски со пет гола. Кај Струга се истакнаа Валентин Ѓорговски со седум и Војо Клењоски со пет погодоци.
Никола Кузевски со 15 гола ја водеше Македонија Ѓорче Петров до триумф над Прилеп, додека Овче Поле со триумфот на гости кај Радовиш, го остави домаќинот без бодови по осум меча. Вардар немаше проблеми против Текстилец, а на теренот предводник беше Тео Радуловиќ со седум погодоци.
Кадети, 8. коло, резултати:
група А
Радовиш – Овче Поле 13-21
Вардар – Текстилец 48-29
Илинден Вардар – Мулти Есенс 28-36
Младост Богданци – Еурофарм Пелистер 2 26-24
Табела: 1. Мулти Есенс 16, 2. Вардар 14, 3. Еурофарм Пелистер 2 10…
група Б
Струга – Охрид 22-23
Алкалоид – Еурофарм Пелистер 32-31
Пролет – Преспа 40-30
Македонија Ѓорче Петров – Прилеп 28-21
Табела: 1. Пролет 16, 2. Еурофарм Пелистер 12, 3. Охрид 9…























