Амбициозниот Чаир продолжува со летната трансфер-офанзива и ја претстави својата нова ракометарка – Никол Орабалис, второто засилување од Парагвај оваа сезона.
По пристигнувањето на Сабрина Фиоре, скопскиот клуб ги обезбеди и услугите на Орабалис, која игра на позицијата десно крило. Таа доаѓа од редовите на парагвајскиот клуб Нуева Естреља, а на Чаир треба да му донесе сигурност и ефикасност во реализацијата, особено во контранападите и завршниците од крилните позиции.
Ова засилување е дел од поширокиот план за зајакнување на тимот пред новата сезона. Претходно, Чаир ги доведе и Марија Николовска, Мила Трајковиќ, Ема Кирова и бразилската интернационалка Изабела Фереира. Со ваквиот состав, клубот најавува амбициозна борба во домашното првенство и настапите во Европа.
Чаир очигледно гради тим со мешавина од домашен потенцијал и интернационално искуство, со цел да направи значаен резултат во претстојната сезона.
Во второто коло од ЕХФ Европскиот Куп, Чаир ќе има незгодна пречка и ќе се соочи со словенечкиот Млинотест Ајдовшчина.