Јовиќ останува на кормилото на Пролет

Искусниот стратег Александар Јовиќ ќе продолжи да го води тимот на Пролет и во новата натпреварувачка сезона, во која конкуренцијата во суперлигашкото друштво ќе биде уште поголема.

Управата на клубот по направените консултации одлучи да не менува ништо на тренерската позиција, па така двете страни продолжуваат по патот по кој тргнаа заедно во последните месеци.

Јовиќ кормилото на Пролет го презеде на средината на месец ноември минатата година и успеа од екипата да го извади максимумот, особено од младите играчи, кои добиваа голема доверба од поранешниот македонски репрезентативец.

Иако Јовиќ на располагање немаше голем ростер, сепак, неговиот тим беше незгоден ривал за повеќето поквалитетни суперлигашки екипи. Пролет во штотуку изминатата сезона играше во плеј-оф фазата и настапот го заврши на 7. позиција.